Од денеска до недела, на програмата е 20. коло од Првата македонска кошаркарска лига, исклучително важно во разврската околу борбата за првото место и за опстанок.
Први на терен излегуваат Вардар и Пелистер, денеска од 17 часот во Кале, но дербито се игра утре во Чаир. Домашниот тим ќе го пречека актуелниот шампион МЗТ Скопје за кого ова е последен „тежок“ меч во основниот дел од сезоната и ако успее да остане непоразен, речиси сигурно во плејофот ќе влезе од првата стартна позиција. И чаирчани си имаат свои сметки бидејќи денешниот натпревар им е од големо значење во борбата за третото место кое во моментов го делат со Еуро Никел и Пелистер.

Второто дерби е во Кале, исто така утре од 18 часот кога ТФТ ќе го пречека Еуро Никел. Екипата од Тафталиџе минатиот викенд ја прекина серијата од пет победи, додека кавадарчани триумфираа првпат по три порази. Во последните три кола, овие две екипи, заедно со Чаир и Пелистер ќе водат жестока битка за третата позиција.
Во борбата за опстанок, викендот има еден директен дуел, меѓу Академија ФМП и Гостивар. Со евентуален триумф, гостиварци речиси сигурно ќе обезбедат пласман во плејофот, особено ако Кожув во ова коло загуби од Работнички во Скопје.


