Бундеслигашот Кемниц продолжува со фантастичната сезона во ФИБА Европа купот и денеска со уште една убедлива победа против Сарагоса го потврди пласманот меѓу четирите најдобри во ова натпреварување.
Германскиот тим, во чиј стручен штаб е Македонецот, Ѓорѓи Кочов славеше во реваншот на домашен терен со 102-86 и со вкупен резултат 200-150 (првиот меч во Шпанија заврши со 98-64 за Кемниц), го оствари најголемиот успех во клупската историја. Освен тоа, ја продолжи фантастичната серија во ФИБА Европа купот оваа сезона во која има само еден пораз на 14 натпревари.
И во полуфиналето, Кемниц ќе игра против шпанска екипа, Билбао кој вечерва направи фантастичен пресврт и обезбеди пласман во полуфиналето. Во првиот четвртфинален меч, Билбао загуби од Легија со 19 поени разлика (64-83), но денеска победи со 81-53 пред своите навивачи за место меѓу во завршницата од натпреварувањето на ФИБА. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Бахчешехир и Варезе, а натпреварите од оваа фаза се играат на 27 март и 3 април.


