МЗТ Скопје одби да го доигра вечерашниот натпревар против Чаир во салата „Шабан Трстена“ затоа што, според клубот, играчите биле нападнати во соблекувалната.
Во извештајот кој е доставен до делегатот, аеродромци детално го опишале спорниот момент.
„За време на полувремето, при напуштање на теренот кон соблекувална, нападнати вербално сите играчи и стручен штаб на тимот со закани за физичкото здравје. На пат кон соблекувална, нападнат помошниот тренер.
Нападот продолжи откако екипата влезе во соблекувална. Неколку лица меѓу кои и службени лица на екипата на Чаир влегуваат во гостинската соблекувална и се закануваат кон дел од тимот на МЗТ Скопје, на раб на физички напад. Притоа тренерот неколку пати удрен пред да успее да влезе во соблекувална“, пишува во извештајот од МЗТ Скопје.
Официјалните лица на натпреварот не го забележале инцидентот поради што е нејасно дали, евентуално, МЗТ Скопје службено ќе го добие натпреварот или тој би се одиграл во текот на утрешниот ден, без публика. Не е исклучено МЗТ Скопје службено и да го загуби натпреварот поради одбивање да го доигра мечот.


