Најтрофејниот македонски тим Работнички ја оствари десеттата победа во низа и ја продолжи борбата за првото место по основниот дел од првенството.
Вечерва на домашен терен екипата од Градски парк без поголеми проблеми го победи Кожув со 92-73. Се беше решено уште во првото полувреме во кое Работнички направи висока предност и не му даде шанса на противникот да се надева на изненадување.

Израмнето се играше до почетокот на шестата минута кога резултатот беше 8-8 по што Работнички направи серија од 18-0 за 26-8 по неполни две минути игра во втората четвртина. Таквиот однос на силите се задржа до крајот на првото полувреме, а во 23. минута, домашниот тим ги достигна највисоките +21 (53-32). Најмногу што успеа да се доближи Кожув во преостанатиот дел од натпреварот беше -11.
Повторно Горан Самарџиев им даде минути на сите свои кошаркари, најефикасен беше Џелетовиќ со 19 поени, додека Рикиќ постигна 17 поени и 10 скока. Кај Кожув, Пен постигна 22 поена, а само уште Вујадиновиќ имаше двоцифрен ефект (17 поени).


