Екипата на Охрид оствари изненадувачка победа на гостувањето кај Феникс, славејќи со 100-90 во последниот натпревар од 20. коло на Првата македонска кошаркарска лига.
Натпреварот во „Јане Сандански“ е историски за клубот кој е дебитант во елитната конкуренција. Ова беше прва победа за него како гостин откако игра во Првата лига, а го доби и првиот кошаркар со трипл дабл.

Охрид фантастично го отвори натпреварот, брзо поведе со 6-0, во петтата минута имаше 18-5, а на крајот од првата четвртина имаше огромни 39-15. Таквата игра продолжи и во вториот квартал во кој гостите ги достигнаа највисоките +28 (58-30) иако во последните 90 секунди Феникс направи 8-0 за пред паузата да ја намали негативата. Во вториот дел домашниот тим покажа знаци на будење, до крајот на третата четвртина намали на 10 поени (66-76), а во последните три минути влезе со само четири поени негатива (85-89). Бруер потоа постигна четири поени по ред и стави точка на мечот.
Во историјата на Охрид и на македонската кошарка се запиша Мајкл Андерсон кој оствари трипл дабл, постигнувајќи 23 поени, 10 скока и 10 асистенции. Бојан Трајковски од Феникс беше блиску до неговиот ефект, завршувајќи го мечот со 26 поени, 13 скока и 6 асистенции.


