Екипата на Мажеикиаи, чиј тренер е македонскиот стручњак Никола Василев, ја оствари четвртата победа во последните пет натпревари и денеска е главна тема во литванската кошарка.
Како гостин, овој славеше против Шиаулиаи со 94-91, но интересен е начинот на кој дојде до триумфот. Мажеикиаи одигра катастрофално прво и врвно второ полувреме и направи еден од најголемите пресврти во својата историја. По серијата од 17-3, домаќините поведоа со 20 разлика (48-28) во финишот од втората четвртина и се чинеше дека Мажеикиаи ќе доживее катастрофа на овој меч.
Шиаулиаи имаше двоцифрено водство до пред крајот на третиот и на почетокот од последниот период, а водеше се до последните 7 секунди. На околу две минути пред крајот, домаќините имаа 91-85, Адетокунбо потоа постигна кош од игра, а Станулкис и Стоукс погодија од линијата за слободни фрлања за -1. Мажеикиаи продолжи со одличната одбрана, на 14 секунди пред крајот доби посед по кој Колинс погоди за 92-91, а а по промашувањето на спротивната страна, точка стави Стоукс со две слободни фрлања. Во второто полувреме, Мажеикиаи постигна вкупно 61 поен.
По овој триумф, тимот на Василев се зацврсти на шестата позиција на табелата со биланс 9/11 и речиси сигурен пласман во плејофот и покрај тоа што има уште многу за играње.


