Собранието на Јадранската лига попладнево изгласа влез на Дубаи во регионалното натпреварување откако минатата недела беше одложена одлуката за прием.
Девет од 11 членови на сопственичката структура гласаа ЗА, против беше само Партизан, а челниците на Будуќност не беа присутни на состанокот во Загреб, од револт поради тоа што не се расправа за предлогот Студентски Центар да биде дел од сопствениците. Дубаи има договор на три сезони, почнувајќи од претстојната натпреварувачка кампања (2024/25), со можност за продолжување на соработката. Откако минатата недела беа одбиени 1,5 милиони по сезона, клубовите сега, наводно, прифатиле 2,5 милиони евра, со тоа што 800 илјади годишно се предвидени за трошоците за патување и сместување на екипите имајќи предвид дека Дубаи ќе биде домаќин во Обединетите Арапски Емирати.
По влезот во АБА лигата, Дубаи наскоро треба да биде примен и од Евролигата со тоа што една сезона ќе настапува во Еврокупот, а потоа ќе има загарантирано место во елитното натпреварување.
Состанокот на АБА лигата во Загреб се уште трае и на него, меѓу другото, ќе се расправа за зголемувањето на бројот на екипи од 14 на 16 и укинување на националниот клуч. По завршувањето, се очекува официјална информација во врска со сите отворени теми на состанокот.


