Вторпат во период од десет дена, а вкупно осми во низа, МЗТ Скопје го победува својот градски ривал ТФТ.
На неодамнешниот меч во првенството беше 22, а вечерва македонскиот првак славеше сп 26 поени разлика (95-69) и ја продолжи борбата за што повисок пласман во АБА 2 лигата. Во прилог му одеше и дебаклот што го доживеа Широки, па МЗТ сега е на второто место, во пресрет на утрешниот меч на Златибор кој ако триумфира, може да го помине нашиот претставник.
Неизвесност на денешниот натпревар речиси и да немаше, МЗТ во првата четвртина направи серија од 11-0 за да поведе со 13-3, подоцна имаше и 24-9, а ретки беа моментите во натамошниот дел од мечот во кои ТФТ успеваше да се доближи на едноцифрена негатива. Баковиќм беше најдобар поединец на натпреварот со 22 поена и 8 скока за индекс 34, Делалиќ постигна 18 поени, а Танасковиќ 13. Кај ТФТ, Луис беше најефикасен со 13 поени, а двоцифрени беа уште Ташковски и Крстевски.
МЗТ Скопје ја има најдолгата победничка серија во лигата во моментов и таа изнесува четири триумфи, но пред него се два исклучително важни натпревари – против Златибор в петок и Широки в недела. ТФТ само формално треба да ја доигра сезоната во АБА 2 лигата, в четврток игра со Војводина, а в сабота со Шибенка во директен дуел за избегнување на дното.


