Веднаш по вчерашната ждрепка, објавен е и распоредот на натпреварите на кошаркарскиот турнир од Олимписките игри во Париз.
Уште во првото коло ќе има спектакуларен дуел, меѓу САД и Србија на стадионот Пјер Мороа во Лил. Извесно е дека двете репрезентации ќе ја поминат групата во која се уште Судан и победникот од квалификацискиот турнир во Порторико, но ќе биде фантастично на теренот да се видат Леброн Џејмс, Кевин Дурант и компанија против Богдановиќ, Мициќ и Јокиќ, ако кошаркарот на Денвер се врати во репрезентацијата.
Освен дуелот меѓу САД и Србија, позната е само уште една сигурна двојка од првото коло – Германија против Јапонија. Останатите дуели од воведниот круг ќе бидат познати дури во јули, кога ќе завршат квалификациските турнири во Грција, Летонија, Шпанија и Порторико.


