Македонскиот шампион МЗТ Скопје пропушти шанса да го заврши основниот дел од сезоната во АБА 2 како второпласиран иако имаше голема можност за тоа.
Во претпоследното коло, аеродромци загубија од Златибор со 85-90 по продолжение иако во првите три четвртини константно беше во водство, на моменти и со 13 поени разлика. МЗТ Скопје отвори со 5-0, во негатива во првите 30 минути беше само еднаш и тоа во вториот период со 20-22, но тогаш одговори со серија од 11-0, а највисоката предност ја достигна во третата четвртина кога водеше со 54-41.
Но, тука почна падот во играта на нашиот претставник. До крајот на четвртината, Златибор намали на 53-60 за во третата минута од последниот квартал да го преземе водството (63-62). На три минути пред крајот на основниот дел, српскиот тим имаше огромни 72-66, но потоа успеа да го одбрани својот кош и со тројките на Баковиќ и Дамјан Стојановски да дојде до израмнување и продолжение (72-72). Сето тоа го направи без Војдан кој во меѓувреме мораше да ја напушти играта поради пет лични грешки.
Сепак, МЗТ Скопје не ги издржа дополнителните пет минути, Златибор во нив погоди четири тројки и вкупно 18 поени и на тој начин дојде до победата која го остава во игра за првото место по основниот дел од сезоната.
Гилон беше најдобар играч на МЗТ Скопје со 25 поени, 9 асистенции 5 скока, Делалиќ додаде 21 поен и 9 скока, а Танасковиќ 14 поени и 9 скока. Македонскиот првак со овој пораз не само што испушти можност да го освои второто место, туку му „виси“ и четвртата позиција и може да го заврши основниот дел како шестопласиран. Се ќе зависи од исходот на дуелот против директниот ривал Широки во последното коло, в недела од 18 часот.


