Со три натпревари, денеска почнува претпоследното коло од основниот дел на сезоната во Првата лига кое ќе се протегне до среда, поради учеството на три екипи на АБА 2 турнирот во Широки Бријег.
На програмата се два дерби-дуела, двата денеска од кои еден во Гостивар, а еден во „Јане Сандански“. Оној во Гостивар има големо резултатско значење бидејќи директно одлучува за последниот учесник во плејофот.

Гостиварци со две победи повеќе го пречекуваат Кожув, но имаат императив да победат бидејќи во случај на пораз пред своите навивачи ќе си ја искомплицираат ситуацијата. Во последното коло играат на гости кај Работнички, додека Кожув го пречекува Пелистер, а во случај на ист број бодови, предност ќе има гевгелискиот тим поради подобриот биланс во меѓусебните дуели.

Второто дерби е во малата сала во „Јане Сандански“ каде Феникс ќе го пречека Работнички во меч кој го привлекува вниманието поради ривалството на двете екипи и квалитетот, но кој нема големо резултатско значење. Извесно е дека Феникс ќе влезе во плејофот од седмата позиција, а Работнички само чудо може да му овозможи да заврши на првото место затоа што во случај на ист број бодови со МЗТ Скопје, предност имаат аеродромци кои во последните две кола имаат лесна задача. Многу веројатно, денешниот дуел на Феникс и Работнички ќе биде најава за нивниот дуел во полуфиналето од плејофот. Феникс е во серија од пет победи против Работнички во сите натпреварувања, а тимот од Градски парк може да комплетира цел круг (11 кола) победи во првенството откако последниот пораз во претрпе токму од денешниот ривал, на 2 декември.


