Поразот од Подгорица во претпоследното коло скапо го чинеше Пелистер кој денеска официјално го заврши својот настап во АБА 2 лигата за оваа сезона.
Битолчани загубија од лидерот Спартак со 81-88 и го освоија деветтото место, за малку недоволно за пласман во нокаут фазата од регионалното натпреварување. Македонскиот вицешампион одигра исклучително пожртвувано, не се предаде пред фаворитот, но немаа сили да креираат изненадување и да останат во игра за осмата позиција.
Првиот конкретен удар Спартак го зададе кон крајот на првото полувреме кога направи серија од 16-2 за водство од 47-31 по 20 минути игра. На средината од третиот квартал беше и +20 (65-45), но потоа Пелистер го почна својот кам-бек. Заклучно со стартот на последната четвртина направи 17-1 и се доближи на само четири поени негатива (62-66), борбата продолжи и во следните минути, но без ефект за македонскиот претставник.
Андреј Магдевски со 24 поени беше најефикасен во тимот на Пелистер кој сега може да се насочи на домашното првенство каде ќе се обиде да го надмине успехот од претходните две сезони и да ја освои шампионската титула.


