Најтрофејниот клуб во Македонија, Работнички ја оствари 11. победа во низа во македонското првенство откако триумфираше на гости кај Феникс со 98-69.
Тоа беше 11. победа по ред за тимот од Градски парк кој со ова сврте цел круг, односно забележа триумфи против сите екипи во лигата и сето тоа во низа. Последниот пораз го претрпе токму од Феникс, на 2 декември, како домаќин во Кале.
Работнички доминираше во текот на сите 40 минути, одлично го отвори натпреварот и пред истекот на првата четвртина веќе имаше двоцифрена предност (25-14). Феникс се доближи на -7 во финишот од полувремето (38-45), но тоа беше се од домашниот тим. Точка на мечот беше ставена по серијата од 11-0 на Работнички кон средината на третиот квартал по која гостите отидоа на недостижно 66-42.
Андреј Шошкиќ го одигра својот најдобар натпревар оваа сезона и постигна 19 поени, далеку над неговиот просек кој изнесува 3,9. Во првото полувреме, јуниорскиот репрезентативец беше без промашување. Двоцифрени кај Работнички беа и останатите од почетната петорка. Кај Феникс, младиот Димитриев беше најефикасен со 12 поени. Работнички со оваа победа ја прекина серијата од пет порази во дуелите со Феникс, сметајќи ги сите натпреварувања.


