Далас Маверикс го победи Сакраменто како гостин со 132-96 во директниот дуел за шестото место во Западната конференција, а повторно главен протагонист беше Лука Дончиќ.
Натпреварот го заврши со 28 поени, но 26 од нив постигна во првото полувреме, а во последната четвртина воопшто не се појави на теренот. Покрај тоа имаше и 11 скока, 6 асистенции и 2 украдени топки. Се истакна и Кајри Ирвинг кој реализира 24 поени и 8 асистенции, па по мечот Дончиќ сите заслуги му ги припиша нему.
„Кајри е Бетмен, а јас сум Робин. Тој е прекрасна личност, одлично се согласуваме и хемијата во тимот е фантастична во моментов“, изјави Дончиќ.
Оваа сезона, Словенецот постигнува безмалку 34 поени по натпревар со 9,8 асистенции и 9,1 скока. Ирвинг е на 25,3 поени, 5 скока и 5,3 асистенции, а Далас е многу блиску до обезбедување директен пласман во плејофот со оглед на тоа што победи на девет од последните десет натпревари.


