Денеска и утре на програмата е последното коло од основниот дел од сезоната во Првата македонска кошаркарска лига.
И пред неговото одигрување се познати многу работи, а некои детали само треба да се потврдат. Меѓу нив и првото место пред плејофот на кое сега провизорно се наоѓа Работнички, но само поради подобрата кош-разлика во однос на МЗТ Скопје. Двете екипи имаат ист број бодови, а ако нема изненадувања вечерва, лидерската позиција ќе ја освои актуелниот шампион кој е подобар во меѓусебните дуели со Работнички (победа од 14, пораз од 4 разлика).

МЗТ Скопје денеска гостува во Кисела Вода, кај Академија ФМП и нема такви што веруваат дека може да се случи сензација, ако се има предвид разликата во квалитетот меѓу двете екипи. Дури ни во Работнички кому и серијата од 11 победи не му помогна да го надополни она што го испушти во првите 10 кола од првенството.

Интересно е тоа што во 22. коло нема ниеден дуел меѓу првите шест екипи на табелата. Поради тоа е можно да нема никаква промена во редоследот. Ако фаворитите успешно ја завршат својата работа, утрешниот последен меч од ова коло, меѓу Вардар и Еуро Никел ќе биде само формалност за кавадарчани и од големо значење за скопскиот тим кому секој бод му е значаен во битката за опстанок.


