По денешниот состанок на прволигашите во Кошаркарската федерација на Македонија, утврден е календарот на натпреварите за првата рунда од плејофот.
Недоумица создаваше статусот на МЗТ Скопје кој на 10 и 17 април игра четвртфинале од АБА 2 лигата. Поради тоа, натпреварите меѓу актуелниот шампион и Гостивар ќе бидат закажани на една недела, додека останатите двојки ќе играат на три дена.

Плејофот го отвора токму првиот меч меѓу МЗТ Скопје и Гостивар, кој е закажан за петок во „Јане Сандански“. За разлика од другите, вториот ќе биде на програмата на 13 април, а третиот една недела подоцна во Гостивар. Во зависност од резултатите на овие три дуели, како и од исходот од двомечот меѓу МЗТ и Широки, дополнително ќе се утврдува возниот ред.
Останатите три меча од стартната рунда во плејофот се закажани за сабота, а домаќини се Работнички, Пелистер и Чаир. Оваа сезона, четвртфиналето се игра во три добиени натпревари, по системот 2-2-1. Викендов стартува и плејаутот каде за опстанок ќе се борат Кожув, Охрид, Академија ФМП и Вардар.


