Репрезентативниот центар Бојан Крстевски ќе биде надвор од терените во следните четири недели поради фрактура на прстот, објави денеска МЗТ Скопје.
Искусниот играч се повредил на турнирот од АБА 2 лигата во Широки Бријег пред две недели и поради тоа не беше во комбинација за дуелите со Вардар и Академија ФМП во домашното првенство. Неговата пауза доаѓа во исклучително сензитивен период, пред четвртфиналната серија од АБА 2 против Широки, односно натпреварите со босанскиот претставник кои се на програмата на 10 и 17 април. Освен тоа, почнува и плејофот во домашното првенство во кое прв ривал на МЗТ Скопје ќе биде Гостивар.
Ова не е прва повреда на Крстевски оваа сезона. Во почетната фаза од натпреварувачката кампања, на дуелот со Пелистер во Битола, тој го свитка скочниот зглоб поради што беше надвор од тимот околу две недели.


