Кошаркарот на Детроит, Малачи Флин го запиша своето име во историјата на НБА лигата по еден необичен рекорд, остварен на синоќешниот меч против Атланта.
Пистонс како гости загубија со 113-121, но во центарот на вниманието сепак беше Флин со своето достигнување. За 34 минути игра, тој постигна 50 поени со шут од игра 18/25 со пто ги изненади дури и своите соиграчи. Можеби во ова не би имало ништо чудно ако не се знае дека просекот на Флин во неговата кариера, во која има над 200 натпревари во НБА, изнесува 5,2 поена, а личниот рекорд на еден меч му бил 27.
Со ова, тој стана кошаркар со најнизок просек кој постигнал 50 поени на еден натпревар. Досегашен рекордер во оваа категорија беше Теренс Рос чиј просек изнесуваше 7,4 кога на 25 јануари 2014 година, како член на Торонто, постигна 51 поен против Лос Анџелес Клиперс.
Освен ова, Флин е трет играч во историјата на лигата кој не бил стартер, а постигнал 50 или повеќе поени. Пред него, тоа им успеало само на Ник Андерсон во 1993 и на Џамал Крафорд во 2019 година.


