Со првиот дуел од серијата меѓу МЗТ Скопје и Гостивар, вечерва во „Јане Сандански“ официјално почнува плејофот од Првата македонска кошаркарска лига по што ќе биде познат шампионат во 31. сезона (една беше прекината поради пандемијата со корона вирусот).
Бранителот на титулата го отвора разигрувањето поради обврските во АБА 2 лигата идната недела каде исто така ќе учествува во четвртфиналето, против босанскиот претставник Широки. Јасно е дека МЗТ Скопје е голем фаворит за титулата, меѓу другото и поради тоа што единствен што го победил во серија до три победи од 2012 година наваму е Работнички во 2018. Тоа е и единствена плејоф серија во која загубил тимот од Аеродром откако ја почна својата доминација во македонската кошарка пред 12 години.

Гостивар ја заврши работата со пласманот во плејофот во својата најтешка сезона откако во 2017 година избори пласман во елитната дивизија. Малку недостасуваше да остане без учество во оваа фаза и да се бори за опстанок, но „врза“ три победи во клучните натпревари со ривалите за опстанок и си ја спаси сезоната.

Од оваа година, првпат во четвртфиналето се игра до три добиени натпревари и по системот 2-2-1. Поради учеството на МЗТ Скопје во АБА 2, барем првите три дуели од серијата меѓу МЗТ Скопје и Гостивар ќе се играат само за викенд, а понатаму ќе зависи од пласманот на аеродромци во регионалното натпреварување.
Четвртфиналето од плејофот продолжува утре со првите натпревари од другите три серии. Со дуелот меѓу Охрид и Академија ФМП, вечерва стартува и плејаутот каде освен овие две екипи, учествуваат уште Кожув и Вардар.


