Чудно делуваше одлуката на Тристан Вукчевиќ во финишот од сезоната да го напушти Партизан и да се пресели во Вашингтон Визардс имајќи предвид дека во белградскиот тим беше далеку од првиот тим и ретко добиваше шанса, особено во Евролигата.
Две недели подоцна, излегува дека младиот кошаркар добро одлучил затоа што во НБА игра како препороден. Од натпревар во натпревар, неговите бројки се се подобри, а од почетокот на април е незадржлив и има просек од над 15 поени по меч. Ноќеска против Портланд играше 24 минути и за тоа време постигна 17 поени со 7 скока, 2 асистенции, 2 украдени топки и 1 блокада.
Од неговото деби на 24 март против Торонто, Вукчевиќ одигра осум натпревари, а веќе има повеќе поени отколку цела сезона во Евролигата. Во дресот на Партизан постигна 50 поени, додека за Вашингтон веќе стигна до 54. За волја на вистината, минутажата во Партизан и во Визардс не е иста, кај Обрадовиќ едвај играше, а во НБА, особено на последните три меча, на теренот поминува по 20-30 минути.


