За разлика од нивниот дуел пред две недели, Работнички и Феникс денеска им приредија вистинско задоволство на љубителите на кошарката и драма до последната секунда.
Работнички со победа ја отвори четвртфиналната серија против својот градски ривал, триумфирајќи со 84-80, но според прикажаното на теренот, нема да биде изненадување ако се играат максимални пет меча во борбата за место меѓу четирите најдобри. Најтрофејниот тим во земјава имаше и 17 поени предност, а се спасуваше од пораз во последните минути.
Со исклучок на воведните 4-5 минути, во кои Феникс имаше предност од 10-5, првото полувреме помина во знакот на Работнички. По серијата од 9-0, домаќинот поведе со 19-13, а со двете тројки на Џелетовиќ и Трајс на стартот од вториот квартал и до 27-19. Најголемата низа во тој период од мечот изнесуваше 11-0 во корист на Работнички кој на средина од вториот квартал имаше максимални 41-24.

До полувреме Феникс намали на -12 (37-49), но малкумина претпоставуваа дека предноста на Работнички брзо ќе се истопи. Феникс направи 9-0, а потоа, на четири минути пред крајот на третиот период дојде на само 52-55. На стартот од последната четвртина беше и 61-62, односно 63-64, но Феникс не го зададе конечниот удар. Секогаш кога имаше шанса да го преземе водството, затајуваше нападот, па Работнички некако се извлекуваше.
Во второто полувреме затаи Трајс, но токму тој постигна исклучително важна тројка на две минути пред крајот со која Работнички отиде на 79-72. Ни тука Феникс не се предаде, во последната минута дојде на 76-81 и имаше три слободни фрлања, но само Митревски погоди, додека Рис ги промаши двата обида, клучни за исходот на мечот. На спротивната страна Трајс беше непогрешлив, додека двата промашени „пенали“ се покажаа неважни.
Трајс беше најефикасен во тимот на Работнички со 18 поени, но одличен натпревар одигра Роберт Рикиќ кој оствари дабл дабл со 16 поени и 14 скока, за индекс 31. Џонс го предводеше Феникс со 14 поени, а Дениел имаше дабл дабл со 12 поени и 10 скока. И вториот меч од серијата се игра в среда во Кале и домаќин ќе биде Работнички.


