Поранешниот вицешампион на Македонија, Кожув ја потврди фаворитската улога во дуелот со Вардар и ја задржа челната позиција на плејаутот табелата.
Тимот од Гевгелија славеше пред своите навивачи со 74-63 и сега има бод повеќе од Академија ФМП и Охрид кои се зад него. Од друга страна, Вардар остана на последната позиција и во последните пет кола му требаат најмалку три победи за да може да се надева на опстанок во елитната конкуренција.

„Црвено-црните“ се држеа речиси цело полувреме во кое често се наоѓаа и во водство. Можеби ситуацијата во натамошниот дел од мечот ќе беше поинаква ако не дозволеа пет поени во финишот од првиот дел со кои Кожув замина на пауза со 35-28. Заедно со стартот на второто полувреме, таа серија изнесуваше 14-3, па гевгеличани отидоа на 44-31. Ни тука Вардар не се предаде, во последната четвртина се доближи на само шест поени (56-62), но Кожув не дозволи пресврт и успеа мирно да го приведе мечот кон крајот.
Миљан Марковиќ со 26 поени и 11 скока беше најдобар во тимот на Кожув, Милер додаде 19, а Вујадиновиќ 14 поени и 10 асистенции. Бајрам го предводеше Вардар со 13 поени.


