Универзитетот Конектикат (Јукон) ја одбрани титулата во НЦАА лигата откако во синоќешното финале во Глендејл го победи Пердју со 75-60.
Хаскис станаа прва екипа по Флорида во 2007 која го одбранила шампионскиот трофеј во колеџ-лигата во САД. До него стигна на исклучително доминантен начин имајќи предвид дека за време на „мартовското лудило“, односно плејофот во НЦАА сите победи беа изразени со двоцифрена разлика. Дури и на завршниот турнир, Конектикат ја совлада Алабама во полуфиналето со 86-72, а ноќеска и Пердју со 15 поени.
Победата во ниеден момент не беше доведена во прашање, а особено во второто полувреме во кое предност речиси постојано беше двоцифрена. На Педрју не му беа доволни ни 37. поени на најдобриот играч Зек Иди затоа што Конектикат го насочи своето внимание на останатите играчи од кои само уште Брејден Смит беше двоцифрен – со 12 поени.
Во победничкиот состав Тристан Њутон реализира 20 поени со 7 асистенции, Стефон Кесл додаде 15, а Килинген и Спенсер по 11. Њутон беше прогласен за МВП на завршниот турнир, а Конектикат ја освои својата шеста титула во НЦАА во шестото финале.


