МЗТ Скопје утре го игра првиот четвртфинален натпревар од АБА 2 лигата, против Широки, а со оглед на тоа што се игра на кош-разлика, потребна е што поубедлива победа за мирен реванш во БиХ.
Војдан Стојановски добро знае што го очекува, одиграл безброј вакви натпревари во богатата кариера и утре повторно ќе биде еден од главните адути на македонскиот првак. Искусниот репрезентативец побара помош од навивачите кои треба до последното место да ги исполнат трибините во „Јане Сандански“.
„Плејофот е посебно натпреварување во кое сѐ е можно. Добро го познаваме тимот на Широки. Знаеме дека треба да играме цврсто и агресивно во двете насоки. Ако го сториме тоа и заедно со големата поддршка од нашите верни навивачи, која сигурен сум дека нема да изостане, тогаш може да се надеваме на триумф. Дојдете заедно да го победиме силниот противник“, порача Војдан.
За да се пласира во елитната дивизија од АБА лигата, на МЗТ Скопје му е потребно да ја освои титулата во „втората лига“. Сепак, тимот ќе оди чекор по чекор, триумф против Широки е првиот од нив.


