Најдобриот играч на Милвоки Бакс, Јанис Адетокунбо не го доврши синоќешниот натпревар против Бостон поради повреда во третата четвртина.
Грчкиот репрезентативец немаше контакт со никого, но во текот на играта само седна на теренот и потоа, со помош на медицинскиот персонал замина во соблекувална. Се фати за левата нога и во текот на денешниот ден ќе претрпи лекарски прегледи кои треба да кажат каква е ситуацијата, односно дали и колку ќе мора да паузира.
Адетокунбо сезонава е втор стрелец во лигата со 30,7 поени, зад Лука Дончиќ кој има просек од 33,9, а додава уште 11,6 скока и 6,5 асистенции.
Што се однесува до натпреварот, Милвоки славеше со 104-91 и се зацврсти на втората позиција на табелата во Источната конференција.


