МЗТ Скопје одигра еден од своите најдобри натпревари сезонава во АБА 2 лигата и е многу блиску до пласман во полуфиналето од регионалното натпреварување.
Шампионот на Македонија славеше со 85-69 во првиот четвртфинален натпревар, па идната среда во Широки Бријег ќе требаа да ја одбрани оваа предност. Решавачко за триумфот беше одличното второ полувреме во кое МЗТ Скопје одигра фантастична одбрана и на противниот му дозволи само 28 поени.

Широки го диктираше темпото во првиот дел, водеше со 13-8, подоцна 25-18, а највисоката предност изнесуваше +10 (32-22). На голем одмор се замина со 41-37 за гостите, но главното од македонскиот претставник допрва почнуваше. МЗТ Скопје го отвори второто полувреме со серија од 9-0 за 46-41, на средината од третиот квартал водеше со 54-45 за потоа Широки да се врати на само еден поен негатива (60-61). Следуваше клучната серија на МЗТ Скопје од 21-7 за водство од 82-67 кое се покажа доволно за победа.
Војдан Стојановски повторно потсети на своите најдобри денови и беше главен играч на МЗТ Скопје. Постигна 21 поен, меѓу кои и тројката со истекот на времето со која го постави конечниот резултат, а уште еднаш потврди колку е значаен за овој тим на МЗТ. Покрај него се истакнаа уште Делалиќ со 17, односно Танасковиќ со 16 поени со 7 скока.


