Дури во седмиот натпревар од годинашниот плејоф, една од екипите успеа да слави на гостински терен.
Мразот го скрши ТФТ кој она што го испушти во саботата, го надополни вечерва, славејќи како гостин против Чаир со 83-72. Тимот од Тафталиџе водеше речиси цел меч, највисоката предност изнесуваше 12 разлика, но ТФТ остана мирен и кога Чаир се закануваше, како и на првиот меч, да направи пресврт и да дојде до водство од 2-0.

Чаир имаше предност само во неколку наврати во текот на целиот меч и тоа најмногу со два разлика. ТФТ првпат се одлепи кон крајот на полувреме кога поведе со 43-32, на полувреме замина со 45-35, но Чаир не само што ја стопи таа негатива, туку и дојде до водство од 54-52 во финишот од третиот квартал. Тоа не ги поколеба гостите кои повторно заиграа во свој стил и со 19-5 стигнаа до својата највисока предност (71-59). Овојпат немаше враќање за Чаир кој сега мораше да му честита на својот ривал.
Верц со 26 поени беше најдобар поединец кај ТФТ за кого двоцифрен беше само уште Зафиров со 16 поени. Галовеј го предводеше Чаир со 21 поен. Следните два натпревара од серијата се играат во Кале, а домаќин ќе биде тимот на ТФТ.


