Последниот ден од основниот дел на НБА лигата ќе го даде расплетот на табелата во Западната конференција.
Во моментов на врвот се три екипи со биланс 56/25 што никогаш порано не се случило во лигата, во пресрет на последниот ден. Денвер имаше отворен пат кон првата стартна позиција во плејофот, но синоќа неочекувано загуби од Сан Антонио и со тоа се стави во тешка ситуација.

Во кругот од три екипи со ист биланс, Оклахома е најдобра со 5-3 во меѓусебните дуели, Минесота има 4-4, а Денвер 3-5. Пресметката е јасна – за Денвер да биде прв, потребно му е да победи во последниот меч, а останатите екипи да загубат, во секое други сценарио ќе биде втор или трет.
Ако се земат предвид натпреварите од последниот ден, Оклахома има најлесна задача бидејќи на домашен терен игра со Далас кој е растоварен од секаков резултатски императив и најверојатно ќе игра без Лука Дончиќ кој не настапи ни синоќа против Детроит. Денвер гостува кај Мемфис кој исто така нема за што да игра, а најтешко би требало да ѝ биде на Минесота која го пречекува Феникс. Иако ќе бидат домаќини на тој меч, на Вулфс нема да им биде лесно против Санс кој се уште има шанси за шестото место и директен пласман во плејофот.

Замрсено е и во Источната конференција каде четири екипи се во битка за петтото и шестото место, односно за директен пласман во плејофот.


