Поранешниот вицешампион на Македонија, Кожув уште еднаш покажа дека е далеку пред ривалите во плејаутот и само прашање на време е кога ќе го обезбеди својот опстанок.
Во второто коло, гевгеличани убедливо го совладаа Охрид со 91-59 и сега е на најмногу две победи до спас и останување во елитата. Не само што Кожув ниеднаш не беше во негатива, туку неговото највисоко водство изнесуваше 44 поени разлика.

Охрид беше конкурентен до средината на првата четвртина, потоа следуваше серија на домашниот тим од 9-0 за водство од 20-7 со што почна доминацијата на домашниот тим. Уште една низа во втората четвртина, сега од 11-0 го однесе Кожув на 45-18 и уште тогаш навивачите можеа да почнат да ја прославуваат победата. Највисоката разлика, домаќините ја достигнаа пред крајот на третиот период (79-35).
Младинскиот репрезентативец Павел Иванов го одигра својот најдобар натпревар оваа сезона, постигнувајќи 18 поени за 24 минути во игра. Лајонс го предводеше Охрид со 14 поени.


