Екипата на Вардар ги задржа шансите за опстанок во елитната конкуренција откако вечерва ја прекина серијата од 17 порази и славеше во дуелот со Академија ФМП со 94-92, по продолжение.
Ролеркостерот во Кале беше решен во дополнителните пет минути откако во текот на мечот двете екипи имаа и двоцифрено водство, а Вардар шанса да го реши прашањето околу победникот во основните 40 минути. На крајот, славеше домашниот тим за своја прва победа по 19 ноември 2023 кога исто така ја совлада Академија ФМП.
Целата драма се случи во второто полувреме во кое прво Вардар поведе со 49-38, а потоа Академија ФМП, на шест минути пред крајот на мечот отиде на 73-62. Се чинеше дека тука завршуваат надежите на „црвено-црните“ не само на овој натпревар, туку и во борбата за опстанок, но момците на Аександар Јованчев најдоа сили и по серијата од 14-0 направија нов пресврт (78-77). На 10 секунди пред крајот беше 84-82 за домашниот и Кис имаше две слободни фрлања за да го реши победникот, но два пати промаши и во контранапад Робертс постигна кош за израмнување и продолжение.
Во дополнителните пет минути Вардар почна подобро, отвори со 7-0, Академија ФМП по тројката на Пајиќ се доближи на 92-93 на 26 секунди пред крајот, Фуџет погоди слободно фрлање, а во последниот напад Роберт не успеа да погоди тројка за победа.
Најефикасен кај Вардар беше Фуџет со 21 поен, но прво име во редовите на домашниот тим беше Амар Хот кој оствари дабл дабл со 19 поени и 18 скока за индекс 30. Робертс заврши како убедливо најефикасен играч на натпреварот со 38 поени, недоволни за победа на Академија ФМП.


