МЗТ Скопје е совладан на гостувањето кај Широки, но сепак ќе игра во полуфиналето од АБА 2 лигата.
Без поголеми последици се покажа денешниот пораз од 68-70 бидејќи на првиот меч, одигран минатата недела, македонскиот првак оствари триумф од 16 разлика. Нашиот претставник заслужува честитки бидејќи се крена од понорот по очајното прво полувреме во кое Широки се закани дека може да ја анулира високата негатива и да се пласира во следната фаза.

Својата највисока предност, Широки ја имаше пред крајот на првото полувреме и таа изнесуваше 15 поени разлика (37-22). На пауза се замина со 39-28, но во вториот дел македонскиот првак ги покажа сите свои квалитети. Отвори со серија од 6-0, потоа продолжи да ја топи негативата, а по 30 минути игра и водеше со 54-53. Кога веќе ја помина кризата, МЗТ во последниот период рутински ја сочува предноста и се избори за резултат кој го носи во полуфиналето.
Делалиќ со 18 поени беше најефикасен во тимот на МЗТ Скопје, по 13 постигнаа браќата Стојановски, а 10 додаде Баковиќ. Во полуфиналето, нашиот претставник ќе се сретне со Спартак кој вчера го елиминира Хелиос.


