Филаделфија 76 го освои седмото место во Источната конференција откако во плејинот беше подобра од Мајами со 105-104.
Малку недостасуваше сезоната на Сиксерс да биде уништена поради повредата на Жоел Ембид, но новопечениот американски репрезентативец се врати навреме за да ја спаси ситуацијата. Во финишот од основниот дел беше фантастичен, како никогаш да не паузирал, а и ноќеска против Мајами одигра извонреден натпревар.
Постигна 23 поени и 15 скока, а поефикасен од него беше само Тајлер Хиро во противничкиот тим и тоа само поради тројката во последната секунда со која го постави конечниот резултат. Во првата рунда од плејофот, Филаделфија ќе игра со Њујорк Никс кој има фантастичен крај на основниот дел од сезоната.
За осмата позиција ќе се борат Чикаго и Мајами откако Булс ја растурија екипата на Атланта со 131-116. Победникот од дуелот кој се игра утре вечер во Мајами, ќе му биде противник на најдобриот тим во лигата Бостон Селтикс.


