Тукушто почна плејофот во АБА лигата, а Црвена Звезда доживеа тежок удар поради повредата на унгарскиот репрезентативец Адам Ханга.
Тој ја повреди раката на еден од тренинзите на својот тим, а за унгарските медиуми открил дека тоа за него најверојатно значи крај на оваа сезона.
„Ја скршив коската на две места, вчера ми го извадија гипсот и ќе морам да паузирам меѓу шест и осум недели. На тренингот добив удар, беше тоа тотално безопасен дуел, при борба за топка, мојата дланка се придвижи нагоре, а лактот на соиграчот надолу и за жал, ми ја скрши метакарпалната коска“, изјави Ханга.
Неговото отсуство може да биде кобно во евентуалното финале против Партизан кога ќе се важи секој кош и секоја одбрана, а искуството на унгарскиот репрезентативец е клучно во такви моменти. Тој има договор со Звезда и за идната сезона, но само ако двете страни се задоволни од соработката.


