Српскиот прволигаш Спартак очигледно нема големи амбиции во Кошаркарската лига на Србија (КЛС) и сите сили ги насочува кон пласман во елитната дивизија од АБА.
В среда во Скопје ќе му гостува на МЗТ Скопје во првиот меч од полуфиналето на АБА 2, поради што денеска одмораше голем дел од стандардните првотимци. Спартак се сретна со Борац Чачак во рамките на плејофот од српското првенство, а во составот ги немаше главните играчи: Немања Гордиќ, Филип Барна, Војин Медаревиќ, Душан Радосавњевиќ, Марко Тејиќ, Лука Церовина, Александар Лазиќ, Вил Мозли… Место нив, на теренот истрчаа кошаркари родени меѓу 2005 и 2007 година, а од сениорите играше поранешниот играч на МЗТ Скопје, Александар Цветковиќ кој постигна 41 поен во поразот од 92-95.
Спартак беше најдобар тим по основниот дел од АБА 2 лигата и со Војводина, еден од најсериозните кандидати за место во елитната конкуренција.


