Пет месеци Вардар чекаше победа во првенството, а сега се наоѓа во серија од три триумфи кои го носат на чекор од опстанок во елитната конкуренција.
Откако во претходните два меча ги победи Академија ФМП и Охрид, вечерва „црно-црните“ беа подобри и од Кожув кој без многу мотиви допатува во Скопје имајќи предвид дека веќе го обезбеди опстанмокот. Вардар славеше со 82-70 и во последните две кола можеби ќе му биде доволна само една победа за да се спаси од испаѓање.

Вардар беше одличен во првото полувреме во кое направи висока предност, но прашањето околу победникот го реши пред крајот на третата и почетокот на последната четвртина. По 58-52, домаќините направија серија од 16-0 за водство од 22 поена разлика кое беше доволно за третиот триумф во низа, првпат оваа сезона.
Одличен натпревар одигра Филип Наков кој за малку остана покус за дабл дабл, постигнувајќи 18 поени и 9 скока. Пе со 23 поени беше најефикасен кај Кожув кој настапи без еден од најдобрите играчи Миљан Марковиќ.


