Актуелниот шампион МЗТ Скопје славеше на гостувањето кај Гостивар со 96-70 и со 3-0 обезбеди пласман во полуфиналето од домашниот плејоф.
Без поголеми возбудувања, тимот од Аеродром брзо го скрши отпорот на домашниот тим, ако и воопшто може да се каже дека го имаше. Во шестата минута беше 17-5 за МЗТ Скопје, на почетокот од втората четвртина и 31-10, а потоа продолжи доминацијата на првакот. До крајот на полувремето МЗТ Скопје ја достигна границата од 50 поени, па вторите 20 минути останаа само формалност.

Делалиќ беше најефикасен играч во тимот на МЗТ Скопје и воопшто на мечот со 23 поени, Баковиќ постигна 16, а Војдан Стојановски 11. Инграм со 21 поен го предводеше Гостивар, Митевски додаде 17, а Остен оствари дабл дабл со 11 поени и 13 скока.
Во полуфиналето, МЗТ Скопје ќе се сретне со ТФТ кој во средата го елиминира Чаир. Втората двојка ја сочинуваат Работнички и Пелистер.


