Лос Анџелес Клиперс премногу лесно дојде до предност од 1-0 во серијата против Далас откако на домашен терен славеше со 109-97.
Конечниот исход не е реален одраз на она што се случуваше на теренот бидејќи Клиперс ги имаа сите услови да слават многу поубедливо. Почнувајќи од втората четвртина постојано беше во убедлива предност која во третата четвртина изнесуваше и 29 поени разлика. Дури во последниот квартал, кој го доби со 33-22, Далас успеа да симне под 20 и да се избори за пристоен пораз во воведниот меч.
Гостите ги имаа најефикасните играчи на натпреварот, Дончиќ постигна 33, а Ирвинг 31 поен, но ни тоа не беше доволно барем за поинтересен тек на натпреварот. Кај Клиперс најмногу се истакна Џејмс Харден со 28 поени, вклучувајќи шест тројки, но на ниво беше и Џорџ со 22, а триумфот е остварен без Кавај Ленард кој не играше.

Интересно е тоа што сите осум екипи кои беа домаќини во првите натпревари од плејофот остварија победи и поведоа со 1-0.
РЕЗУЛТАТИ
Бостон – Мајами 114-94
ЛА Клиперс – Далас 109-97
Милвоки – Индијана 109-94
Оклахома – Њу Орлеанс 94-92


