Иако немаше почеток од соништата, Ергин Атаман одлично го води Панатинаикос во својата прва сезона на тренерската позиција.
Тимот е на првото место во домашното првенство и игра во плејофот од Евролигата, но веќе на стартот од четвртфиналето киксираше против Макаби на домашен терен. Израелскиот тим славеше во ОАКА со 91-87 и направи брејк во првиот меч што исклучително го изнервира Атаман. По натпреварот тој изрази голема сигурност дека неговиот тим ќе излезе како победник од оваа серија и најави дека ако не се случи тоа, ќе си оди од тимот.
„Мислам дека сме многу, многу подобри од Макаби. Ветив дека ќе се пласираме на Ф4 од Евролигата и моето ветување важи и натаму иако сега губиме со 0-1. Ако не се пласираме на завршниот турнир, идната година нема да бидам тренер на Панатинаикос“, рече турскиот стручњак.
Меѓу другото, тој се пожали на критериумот на судиите кои, како што рече, му суделе смешни фаули на Болдвин. Вториот меч од серијата се игра в четврток, повторно во Атина.


