Вккендов во Скопје, со дуелот меѓу Работнички и Пелистер почнува полуфиналето од плејофот во Првата македонска кошаркарска лига, а освен на теренот, се очекува да биде интересно и на трибините.
Навивачка група Чкембари преку социјалните мрежи го најави своето присуство во Кале, каде ќе се игра натпреварот што ќе биде добра можност за убав кошаркарски спектакл во главниот град.

„После 15 години, Чкембари повторно во Кале!
После супериорното издание во Охрид и моќта прикажана директно од трибината, ова сабота одиме кон нов ПОХОД, овај пат заедно со кошаркарскиот колектив. Од овај момент нека започни мобилизацијата, битолската екипа спремна за десант на Скопје. Нашето присуство нека биди ветар во грб и чувство дека не си сам во ова битка, заедно одиме кон уште едно историско финале и напад на долгоочекуваната титула.
Мобилизација во сите подгрупи“, се вели во соопштението на Чкембари.
Кошарката во Битола последните години е се попопуларна за што заслужен е тимот на Пелистер кој два пати играше во финалето од плејофот, а пред два месеца секунди го делеа од трофејот во Купот. Кошаркарскиот тим на Пелистер е единствен, покрај фудбалскиот и ракометниот, кој се уште нема трофеј во своите витрини и навивачите ќе се обидат да придонесат тоа да се смени.


