Екипата на Охрид официјално е првата која испадна од прволигашка конкуренција, на едно коло пред крајот на плејаутот.
Без странските кошаркари, кои од административни причини си заминаа пред неколку недели, охриѓани не можеа да им парираат на ривалите, а денеска на домашен терен загубија од Кожув со 55-89. Тимот од Гевгелија одамна го обезбеди опстанокот, а вечерва се среќаваат Академија ФМП и Вардар и кој и да победи, ќе биде недостижен за Охрид.

Домаќините вечерва беа во предност само во првите три минути од натпреварот. Кожув потоа направи серија од 6-0 и ја презеде контролата над резултатот, до крајот на првиот период веќе водеше со 23-15. Се беше решено по серијата од 16-0 меѓу третата и последната четвртина по која гостинскиот тим отиде на огромни 68-36, недостижни за екипата на Охрид.
Ветеранот Караџовски со 19 поени го предводеше Кожув за кого 15 постигна младинскиот репрезентативец Павел Иванов. Бојовски со 10 поени беше единствен двоцифрен играч во тимот на Охрид.


