Ако пред почетокот на плејаутот беше на последната позиција на табелата и веќе отпишан од елитната конкуренција, Вардар вечерва го обезбеди опстанокот и идната сезона ќе игра во Првата лига.
Со четвртата победа по ред, втора во дуелите со Академија ФМП, „црвено-црните“ на коло пред крајот на натпреварувачката кампања си обезбедија уште една година во најсилното кошаркарско друштво во земјава. Вардар вечерва победи со 85-72 и без оглед на исходот од дуелот со Охрид во последното коло, јасно е дека нема да заврши на едно од последните две места.

Отпорот на Академија ФМП вечерва беше скршен во последните четири минути иако и претходно Вардар имаше повисоко водство. На четири минути пред крајот беше 71-66 за гостинскиот тим за со серијата од 8-0, „црвено-црните“ да ги решат сите дилеми околу победникот. Во финишот имаа и +15 како највисоко водство на Вардар на овој меч.
Амар Хот беше најдобар поединец на мечот со монструозен дабл дабл од 24 поени и 17 скока, а ги одигра сите 40 минути. Фуџет постигна 21 поени, а Кис 15, но интересно е тоа што од играчите од клупата придонесоа со само три поени за Вардар. Лука Петровски со 19 поени беше прв стрелец на Академија ФМП кој по пет години во елитата, се сели во понизок ранг, заедно со Охрид.


