Македонскиот шампион МЗТ Скопје вечерва од 19 часот на домашен терен го игра првиот полуфинален натпревар од АБА 2 лигата, против Спартак.
Формата во последниот месец дава голем простор за оптимизам кај нашиот претставник имајќи предвид дека, освен лесните победи против Гостивар во домашниот плејоф, тимот од Аеродром без никаков проблем го помина Широки во четвртфиналето од АБА 2. Задачата сега ќе биде многу потешка ако се знае дека во Скопје доаѓа најдобриот тим од основниот дел на сезоната и главен фаворит за пласман во највисок ранг.
Во своите редови Спартак има голем број прекалени кошаркари, со огромно искуство и во елитната дивизија на АБА и низ Европа, како Немања Гордиќ, Александар Цветковиќ, Марко Тејиќ, Вилијам Мосли итн., а од клупата ги води поранешниот тренер на Партизан, Владимир Јовановиќ. Но, МЗТ Скопје досега покажа дека не признава фаворити, во основниот дел од сезоната ја победи Војводина во Нови Сад, а и малку недостасуваше, во лигашкиот дуел со Спартак да направи голем пресврт и да дојде до голем триумф.
На вечерашниот натпревар во тимот ќе се врати Ејасу Ворку, но ќе го нема Бојан Крстевски кој уште не ја санирал повредата на раката. Неговото враќање се очекува за десетина дена, па ако МЗТ Скопје стигне до финалето, веројатно Васко Атанасов ќе го има на располагање.
Управата на македонскиот првак повторно направи популарен потег и одлучи да ги отвори вратите на „Јане Сандански“ за љубителите на кошарката. Влезот е бесплатен со цел МЗТ Скопје да добие што поголема поддршка од трибините, во обидот да оствари колку е можно повисока победа пред реваншот во Суботица.


