По успешно поминатата прва пречка од плејофот, против Широки, МЗТ Скопје вечерва ќе се сретне со Спартак од Суботица, во првиот полуфинален меч од АБА 2 лигата.
Тренерот Васко Атанасов многу пати докажа дека знае да се снајде на вакви дуели и да ја најде вистинската тактика за противникот. Така беше и лани на неколкуте натпревари на кои го водеше тимот во АБА лигата и во домашното првенство, а и оваа сезона, во дуелот со Војводина во Нови Сад, на патот до титулата во Купот на Македонија и против Широки во претходната фаза. Ова ќе биде можеби најголем предизвик за него, имајќи предвид дека на спротивната страна ќе има тим на нивото од АБА лигата.
„Ова е еден од натпреварите за кои напорно работиме цела сезона, кои се идеален мегдан да покажеме од што сме создадени и на кои мора да ја оставиме буквално последната капка пот. Спартак е исклучително квалитетен противник, тим со сериозен буџет и амбиции, поради што мора да бидеме на највисоко можно ниво ако сакаме да дојдеме до посакуваниот триумф. Верувам дека ќе имаме огромна поддршка од трибините, бидејќи со помош на навивачите секогаш играме подобро. Секој човек ќе ни биде клучен, затоа ги повикувам сите со плаво-бела крв во вените да дојдат и да ни помогнат заедно да го совладаме силниот ривал“, вели Атанасов пред мечот.
Првиот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Спартак е вечерва во 19 часот во „Јане Сандански“, а реваншот е идниот викенд во Суботица.


