Екипата на Вардар со убедлив триумф ја заврши сезоната во Првата македонска кошаркарска лига во која избори опстанок и уште една година во елитата.
Главната работа беше завршена пред два дена во Кисела Вода, па денешниот меч против Охрид во Кале имаше само ревијален карактер бидејќи гостинскиот тим веќе ги загуби шансите за спас и идната сезона ќе се натпреварува во Втората лига. Тоа не му пречеше на тимот на Вардар да победи со 94-62 и на тој начин да стави крај на успешната натпреварувачка кампања.

Да биде задоволството поголемо, главни протагонисти во победата беа тинејџерите во тимот на Вардар, 18-годишниот Марко Луканоски и една година помладиот Илин Најков кои се светла иднина не само на „црвено-црните“, туку и на македонската кошарка. Со оглед на тоа што немаше никаква неизвесност на мечот, највреден за спомнување е нивниот ефект.
Луканоски помина на теренот 31 минута и за тоа време оствари дабл дабл со 26 поени и 15 скока, а Луканоски играше две минути помалку и постигна 17 поени и 12 скока. Тренерот Јованчев ја искористи можноста да им даде многу поголема минутажа, а тие го искористија тоа за да остварат бројки кои се далеку над нивниот просек оваа сезона. Лазар Димовски со 16 поени беше најефикасен во тимот на Охрид.


