Она што не успеа лани на домашен терен, Уникаха Малага го направи вечерва во Белград.
Првпат во историјата, тимот од Андалузија триумфираше во Кошаркарската лига на шампионите откако во финалето го совлада својот шпански ривал Тенерифе со 80-75. Со тоа стана трет шпански клуб со титула во ова натпреварување, по Гран Канарија и Бургос кои имаат по два трофеја.
Уникаха беше апсолутно подобар противник во целиот тек од финалето, а пропушти можност многу порано да го реши прашањето околу победникот. Во втората четвртина водеше со 34-24, на полувреме замина со 38-27, а во третиот квартал имаше и 52-37. Откако сите го прежалија Тенерифе, тимот од Канарските острови се врати во игра и пред крајот на третата четвртина се доближи на само три поени негатива (56-59).
Сепак, сили за целосен пресврт немаше, Уникаха го преживеа ударот, отиде на 72-63, а потоа успеа да ја сочува предноста.
За МВП на завршниот турнир беше прогласен поранешниот кошаркар на Карпош Соколи, Кендрик Пери кој во Македонија играше во сезоната 2016/17. Во финалето, американскиот плејмејкер со црногорски пасош постигна 17 поени.


