Актуелниот европски шампион Реал Мадрид прв стигна до три победи во четвртфиналето и обезбеди пласман на завршниот турнир од Евролигата што ќе се игра во германската престолнина.
По двата триумфа на домашен терен, вечерва Реал ја совлада Басконија и во Виторија, со 102-98 за конечни 3-0 по што може да се насочи на домашното првенство каде е во „мртва“ трка со Уникаха за лидерската позиција и првата стартна позиција пред плејофот. Басконија има многу причини да жали што не оствари барем една победа во оваа серија бидејќи вечерва водеше во најголем дел од мечот, во втората и третата четвртина и со десет разлика.
Реал ја презеде контролата над резултатот во последниот квартал, по серијата од 13-0 со што поведе со 88-80 и до крајот не ја испушти предноста. Басконија во финишот се доближи на само два поена негатива (95-97), но во клучните моменти на сцена стапи Факундо Кампацо кој ги постигна последните седум поени за Реал и ја запечати третата победа на својот тим.
За разлика од серијата меѓу Реал и Басконија, на останатите ќе се игра четврти натпревар. Фенербахче вечерва го победи Монако со 89-78 и поведе со 2-1, па в петок на домашен терен ќе има можност да стави точка и да обезбеди пласман на завршниот турнир во Берлин.


