Екипата на Војводина е прв финалист во АБА 2 лигата откако вечерва буквално ја уништи Подгорица, совладувајќи ја на домашен терен со 42 поена разлика (97-55).
На тој начин ги „стопи“ оние -18 од првиот меч во црногорската престолнина, одигран минатата недела. Подгорица се закани дека може до уште една сензација откако во првата рунда го елиминира Златибор, но Војводина се покажа како далеку посилен ривал.
Домаќинот достигна голем дел од негативата уште во првото полувреме кое го доби со 42-27, а сите дилеми ги реши по фантастичната трета четвртина која му припадна со 30-8. Во второто полувреме Подгорица немаше ни теоретски шанси да дојде до резултат кој ја води во финалето.
Во серијата за титулата, Војводина ќе се сретне со подобриот од двомечот меѓу МЗТ Скопје и Спартак. Тимот од Суботица триумфираше во првиот меч во „Јане Сандански“ со 78-73 и в сабота на домашен терен треба само да ја одбрани предноста.


