По поразот во Кале во саботата, Работнички вечерва по вторпат во полуфиналето го пречекува Пелистер, во обид да дојде до израмнување и до продолжување на своите надежи за прво финале по пауза од пет години.
На првиот натпревар дојде до тотален колапс во редовите на скопскиот тим кој претходно имаше серија од 15 победи во првенството. Потфрлија некои од најдобрите играчи во екипата, на површина избија и некои нерешени внатрешни проблеми кои во меѓувреме се намдинати и сето тоа доведе до тежок пораз на тимот кој претходно функционираше беспрекорно. Вечерва Работнички не смее да си дозволи нов кикс бидејќи тоа ќе значи две меч-топки за Пелистер и тоа на домашен терен, веројатно пред полни трибини во салата „Боро Чурлески“.
За разлика од Работнички, Пелистер мирно го очекува вториот меч, без преголем притисок бидејќи нема што да загуби. Битолчани веќе го остварија својот план, ја презедоа предноста на домашниот терен и се понатаму ќе биде само плус за актуелниот вицешампион на Македонија. Пелистер во вистинско време ја крена својата форма, се наоѓа во серија од осум победи, а последниот пораз го претрпе пред точно два месеца, од ТФТ, исто така во Кале.
Сезонава Работнички и Пелистер одиграа три меѓусебни дуели, скопскиот тим води со 2-1, но тоа ништо не значи во оваа фаза од сезоната. Вечерашниот натпревар почнува во 18 часот.


