Поранешниот шампион на Македонија, Вардар е првиот финалист во домашното првенство откако попладнево славеше на гостувањето кај Куманово Гризли со 63-61.
Со тоа, „црвено-црните“ дојдоа до вториот поен во серијата кој ги носи во финалето, прво по пауза од пет години. Натпреварот имаше исклучително драматичен финиш во кој блескаше најискусната во тимот на Вардар, Славица Наков. По 61-58 за Куманово Гризли, таа постигна пет поени по ред за пресврт на нејзиниот тим и водство од два разлика. Во финишот, домашниот тим имаше шанса да се избори барем за продолжение, но не успеа да погоди.

Марија Димитријевиќ го предводеше Вардар со 14 поени, Тасевска додаде 13, а Наков 11. Муса го предводеше Куманово Гризли со 21 поен.
Вториот финалист ќе биде познат дополнително затоа што Крива Паланка го изненади шампионот Баскет Кам и го победи со 77-71 на домашен терен. Мејзук со 20 поени беше најзаслужна за големиот триумф на Крива Паланка, Мекала додаде 19, а Алексовска 18. Кај Баскет Кам, Зубац стигна до 24, а Адамовска до 18 поени.

„Мајсторката“ ќе се игра на теренот на Баскет Кам во текот на идната недела. Крива Паланка има шанса првпат во својата историја да стигне до големото финале во македонското кошаркарско првенство.


