Македонскиот шампион МЗТ Скопје го заврши својот пат во полуфиналето од АБА 2 лигата откако вечерва и по вторпат е поразен од Спартак.
На гостувањето во Суботица, аеродромци доживеаја тежок пораз, со 34 поени разлика (64-98) и со тоа ставија крај на сите надежи дека по пауза од една година ќе се вратат во елитната дивизија. Домаќините беа апсолутно подобар противник во текот на целиот меч, не оставајќи му на МЗТ ни најмала шанса да дојде до победа.
Многу работи беа решени уште во првото полувреме кое Спартак го доби со 57-32 за во продолжение српскиот претставник само рутински да ја доврши својата работа. Ејасу Ворку со 14 поени беше најефикасен во тимот на МЗТ Скопје, но само уште Делалиќ имаше двоцифрен ефект – 10 поени.
Во големото финале, Спартак ќе игра против својот српски ривал Војводина, а победникот обезбедува пласман во елитната дивизија од АБА.


